Македонија од 5 август најверојатно ќе биде зафатена од најсилниот топлотен бран ова лето, со продор на многу топол воздух од јужните предели, односно од Африка, најавува метеорологот Славчо Попоски.
Според неговите анализи, следува период на стабилно, сончево и суво време, без услови за врнежи и без опасност од нови временски непогоди. Во поголем дел од земјата температурите ќе се искачат над 35 степени, а во одредени региони, меѓу кои Скопската Котлина, централните подрачја, Повардарието и југоисточните делови, се очекуваат температури над 40 степени.
Попоски предупредува и на појава на тропски ноќи, при што во повеќе градови температурите во текот на ноќните и утринските часови нема да се спуштаат под 20 степени.
Според него, топлотниот бран би можел да трае околу шест до седум дена, односно до 10 или 11 август, по што постепено се очекува намалување на интензитетот на високите температури.
Во меѓувреме, и Европа и Балканот се подготвуваат за нов период на екстремни горештини. Метеоролошкиот сервис „Severe Weather Europe“ најавува формирање на таканаречена топлотна купола, поврзана со атмосферскиот феномен „Омега блок“, која може да донесе многу високи температури во централна Европа, Медитеранот и балканскиот регион.
Топлотната купола функционира како воздушен „капак“ кој го задржува топлиот воздух над одредено подрачје. Воздухот се спушта кон земјата, се загрева дополнително, а стабилното време со малку облаци и слаб ветер создава услови температурите постојано да растат.
Ваквите временски услови, особено во комбинација со суша и ниска влажност, го зголемуваат ризикот од појава и ширење на пожари на отворен простор.
Сепак, бидејќи станува збор за подолгорочна прогноза, точниот интензитет и времетраење на топлотниот бран дополнително ќе се утврдат со приближувањето на 5 август.




