Над 1.000 повици до ЦУК по силното невреме во Скопје

Силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје предизвика стотици интервенции, а до Центарот за управување со кризи (ЦУК) досега се евидентирани над 1.000 повици од граѓани, информира директорот Мухамед Али.

Во главниот град се пријавени бројни оштетувања. На улицата „Женевска“ број 10 паднала кровна конструкција од зграда и оштетила повеќе патнички возила. Пријавени се и паднато дрво врз автомобил на улицата „Методија Митевски“, паднато дрво на улицата „Никола Тримпаре“, како и откорната кровна конструкција на улицата „Трифун Бузев“.

Силниот ветер оштетил и дел од кровот на Основното училиште „Владо Тасевски“. На улицата „Хелсинки“ број 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на улицата „Скупи“ број 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.

Во Куманово е пријавено уривање на кровна конструкција на булеварот „Октомвриска револуција“.

Според директорот на ЦУК, за сите пријавени случаи се известени надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето.

Штети се регистрирани и во Тетово, каде силниот ветер однел два покрива и соборил повеќе дрвја. Засега нема информации за повредени лица.

Претходна вестГолем број повредени во невремето што го погоди Скопје
Следна вестНевремето го откажа концертот на Џос Стоун во Скопје