Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика повеќе проблеми во различни делови од градот. Граѓани преку социјалните мрежи пријавуваат паднати дрвја и канделабри, откачени кабли, блокирани сообраќајници и оштетени возила.
Откачен кабел е забележан во близина на Зоолошката градина, додека пред трговскиот центар „Капитол“ паднато дрво го блокирало булеварот. Паднати дрво и канделабра се пријавени и пред Соборниот храм, а повеќе паднати дрвја има и на улиците „Теодосиј Гологанов“ и „Илинденска“.
Проблеми има и во Драчево и Долно Лисиче, каде што по должината на железничката пруга патот бил целосно блокиран од паднато дрво. На улицата „Рузвелтова“, на потегот од студентскиот дом кон „Теодосиј Гологанов“, дрво паднало преку двете сообраќајни ленти, а дел од улицата „Ленинова“ е блокиран поради паднато дрво пред Министерството за земјоделство.
Паднати дрвја се пријавени и на автопатот кај бензинската станица „Макпетрол“ во близина на Белви, како и на раскрсницата меѓу улиците „Коста Новаковиќ“ и „Владимир Комаров“ кај градинката „Срничка“ во Аеродром.
Граѓани информираат и за превртени и оштетени мотоцикли на повеќе локации во Аеродром и Ченто, како последица на силните налети на ветер.
Возачите и пешаците се повикуваат на зголемена внимателност, особено на делниците каде има паднати дрвја, кабли и други предмети на коловозите.
Засега нема официјални информации за повредени лица, ниту за целосниот обем на материјалната штета предизвикана од невремето.




