„Усје“ и со новата дозвола ќе нѐ труе – порачаа активистите и побараа од Министерството да не ја издаде истата

Граѓани денеска одржаа протестен марш во Скопје против, како што велат, постапката за издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата „Титан УСЈЕ“.

Маршот започна пред Собранието, од каде учесниците се упатија кон Министерството за животна средина и просторно планирање, институцијата која ја води постапката за обновување на дозволата.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ посочуваат дека постојат сериозни недостатоци во барањето за новата дозвола, наведувајќи дека документот содржи помал обем на информации од постојната дозвола и не ги опфаќа сите релевантни загадувачи.

Според нив, во документот се предвидени гранични вредности за само неколку загадувачи, кои се идентични со претходната дозвола и се значително повисоки од стандардите во Европската Унија. Тие исто така предупредуваат дека недостасуваат обврски за мониторинг на тешки метали, диоксини и фурани.

Министерот за животна средина претходно изјави дека новата дозвола ќе биде издадена согласно новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој предвидува построги еколошки стандарди.

Од „Титан УСЈЕ“ соопштија дека компанијата ја поднела апликацијата за продолжување на дозволата во март годинава, во согласност со важечките законски прописи и дека континуирано инвестира во модернизација и заштита на животната средина.

Оттаму додаваат дека редовните мерења покажуваат дека емисиите се во рамки на дозволените граници, а во изминатите години се инвестирани значителни средства во современи технологии и системи за филтрација.

Дебатата околу новата еколошка дозвола продолжува, додека надлежните институции ја спроведуваат постапката согласно законските процедури.

Претходна вестГолема трагедија: Почина актуелниот градоначалник Илиевски