Две лица загинаа, а едно е тешко повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случила на новиот експресен пат Прилеп – Градско, во близина на клучката за Кавадарци.
Информацијата ја потврдиле од Итната медицинска помош Кавадарци и Територијалната противпожарна единица, кои интервенирале на местото на несреќата.
Според докторот Антоан Паракеов, се работи за директен судир помеѓу две патнички возила.
Во едното возило на самото место загинале маж и жена, додека од другото возило е извлечено тешко повредено лице на 39-годишна возраст од Прилеп.
Повредениот е пренесен во тешка здравствена состојба во Општата болница во Кавадарци, каде му е укажана лекарска помош.
Засега нема официјални информации за причините за несреќата.
Очевидци изјавиле дека екипите на Итната медицинска помош и пожарникарите реагирале брзо и пристигнале на местото на несреќата веднаш по пријавата.




