Во Хрватска уапсени се тројца Македонци – полицијата откри детали

1784

Хрватската полиција соопшти дека тројца македонски државјани се ставени во притвор под сомнение дека учествувале во оштетување на јавен имот во областа Кавтат, на југот од Хрватска.

Според информациите од надлежните служби, инцидентот се случил минатата недела, кога на повеќе локации биле забележани оштетувања на сообраќајна и урбана опрема.

Сообраќајни знаци, патокази, корпи за отпадоци и информативни табли биле залепени со различни налепници, со што биле направени неупотребливи и им била нарушена нивната основна функција во сообраќајот и јавниот простор.

По добиената пријава, граничната полиција во Груда веднаш започнала истрага. Преку оперативни мерки и проверка на податоци, биле идентификувани неколку сомнителни лица кои се поврзуваат со настанот.

Истата вечер биле приведени двајца осомничени, додека третиот бил уапсен следниот ден на аеродром при обид да ја напушти земјата.

Станува збор за мажи на возраст од 23, 25 и 26 години, кои, според информациите, имале регулиран престој во Хрватска.

Хрватските власти соопштија дека сите тројца се задржани во притвор, а против нив се води постапка за утврдување на евентуална кривична одговорност за оштетување на јавен имот.

Истражните органи продолжуваат со прибирање докази и утврдување на сите околности поврзани со случајот.

Претходна вестВо тешка несреќа загина познат фудбалер – голема трагедија во соседството
Следна вестБез веѓи и без филтер: Лила ја покажа својата фотографија од пред 16 години