Голема тага денес во Гевгелија по веста за смртта на познатиот лекар Томислав Петков. Веста за неговото заминување предизвика бројни реакции и силни емоции кај неговите сограѓани, колеги, пријатели и пациенти, кои се простуваат од човекот што остави длабока трага во заедницата.
Во текот на својата долгогодишна лекарска кариера, Петков важеше за човек кој секогаш бил достапен за сите и кој не правел разлика меѓу пациентите. Многумина го паметат како доктор кој подеднакво им помагал на сите на кои им била потребна медицинска грижа, совет или поддршка, а неговото име е поврзано со доверба и човечност.
На социјалните мрежи се споделуваат бројни пораки на сочувство и сеќавања за неговата посветеност, професионалност и големо срце, со кои, како што велат граѓаните, оставил неизбришлива трага во животите на многумина.
Во една од објавите на социјалните мрежи, Оливера Станковска напиша:
„Нема некој на кој не му подаде рака! Во Гевгелија и секаде каде бараа помош од тебе. ТОМИСЛАВ ПЕТКОВ доктор и човек со срце и душа. Почивај во мир наш драг пријателе. Почит“
Граѓаните на Гевгелија и пошироко се простуваат од докторот Петков со пораки на благодарност и почит, нагласувајќи дека неговата хуманост и несебична помош ќе останат трајно запаметени.




