Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 31-годишно лице, поради основано сомнение дека сторило тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, информираат од Обвинителството.
Според наредбата за истрага, осомничениот управувал автомобил „Ауди А4“ по булеварот „Никола Карев“ и на крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“ не ја почитувал сообраќајната сигнализација. При маневар на удвоена полна линија, тој навлегол во спротивната коловозна лента и свртел лево на крстосницата.
Како што се наведува, возилото го управувал и под дејство на наркотични супстанции, со што, спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот, свесно го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
Во судирот со возилото „Ауди А4“ учествувале и два мотоцикли, „БМВ“ и „Хонда ХДВ“, кои се движеле од спротивна насока. Од силината на ударот, возачот на мотоциклот „БМВ“ се здобил со тешки телесни повреди, од кои подоцна починал.
Јавниот обвинител, поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.




