Израелските власти соопштија дека е ликвидиран новиот воен командант на Хамас во Појасот Газа, само неколку дена по убиството на неговиот претходник. Информацијата доаѓа во момент на засилен воен притисок врз Газа и проширување на израелските операции и во Либан, објави Ројтерс.
Во заедничко соопштение, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац наведоа дека израелската војска, по нивна наредба, извршила воздушен напад во Газа во кој е убиен Мохамед Одех, новоименуваниот командант на бригадата Ал Касам, военото крило на Хамас.
Според израелските власти, Одех бил еден од организаторите на нападите од 7 октомври 2023 година, а претходно ја извршувал и функцијата шеф на разузнавачката служба на Хамас, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот јавен сервис Кан, повикувајќи се на неименуван функционер, ја потврдил неговата смрт, додека телевизијата Канал 12 јавува дека операцијата била успешно спроведена.
Во официјалното соопштение се наведува дека Одех бил одговорен за напади врз израелски цивили и војници, вклучувајќи убиства, киднапирања и ранувања.
Нетанјаху и Кац порачаа дека израелската војска и безбедносната служба Шин Бет ќе продолжат со операциите против сите одговорни за нападот од 7 октомври, додавајќи дека „Израел ќе ги стигне сите сторители, порано или подоцна“.




