Поминаа повеќе од шест години од исчезнувањето на Марија Брзакова, случај што и натаму останува една од најголемите мистерии во Македонија. И покрај изминатото време, семејството сè уште нема одговор што точно се случило со младата жена и мајка, која исчезна без трага во јануари 2020 година.
Во емотивна исповед за ВИКИМЕДИА, мајката на Марија, Валентина Георгиева, говореше за болката со која живее семејството, но и за последните месеци пред исчезнувањето на нејзината ќерка. Таа откри дека Марија живеела и работела во Швајцарија како медицинска сестра во дом за стари лица, каде била ценета и почитувана од колегите и пациентите.
„Таа беше мирна, тивка и повлечена личност. Никогаш не се жалеше и сè чуваше во себе. Бевме во постојан контакт и ништо не укажуваше дека нешто не е во ред“, раскажала нејзината мајка.
Семејството останало изненадено кога Марија и нејзиниот сопруг ненадејно решиле да се вратат од Швајцарија и да живеат во струмичкото село Босилово. Според сведочењето на Валентина, тие во септември 2019 година го оставиле животот што го имале таму и се преселиле во Македонија, без притоа да бидат вработени.
Марија Брзакова исчезна на 18 јануари 2020 година на 29-годишна возраст. Зад себе остави малолетна ќерка, а нејзиното семејство и денес бара одговори од институциите и правда за случајот што со години останува нерасветлен.
И по толку време, блиските не губат надеж дека вистината еден ден ќе излезе на виделина.
Повеќе на оваа тема прочитајте на ВИКИМЕДИА.




