Лошите најави се остварија: Огромен е бројот на загинати по уривањето на воен авион во Колумбија

282

Тешка авионска несреќа ја потресе Колумбија, откако воен транспортен авион C-130 Hercules се урна кратко по полетувањето во јужниот дел на земјата. Според најновите информации, најмалку 66 лица го загубиле животот, додека десетици други се повредени.

Авионот полетал од Пуерто Легуизамо, во регионот Путумајо, и се упатил кон Пуерто Асис, но се срушил само неколку километри од аеродромот, во густа џунгла.

Во леталото имало меѓу 125 и 128 лица – претежно припадници на армијата, како и членови на воздухопловните сили и полицијата. Дел од нив биле спасени, но многумина завршиле со тешки повреди, а неколку лица сè уште се водат како исчезнати.

Според првичните информации, несреќата се случила за време на искачувањето, кога авионот изгубил висина и се урнал, по што избувнал пожар. Постојат индикации дека едно од крилјата удрило во дрво при полетувањето, што можело да ја предизвика катастрофата, но официјалната причина сè уште се истражува.

Министерството за одбрана соопшти дека се исклучува можноста за напад, а вниманието е насочено кон технички проблем или други фактори поврзани со летот.

Спасувачките операции биле дополнително отежнати поради оддалеченоста и тешко пристапниот терен, при што локалните жители први притрчале на помош, пренесувајќи повредени лица до најблиските здравствени установи.

Оваа несреќа се смета за една од најтешките во историјата на колумбиското воено воздухопловство. Во меѓувреме, трагедијата отвори и политичка дебата во земјата, при што претседателот Густаво Петро ја критикуваше бавната модернизација на воената флота, додека опозицијата упати обвинувања за негрижа и недоволно одржување на авионите.

Истражните органи продолжуваат со анализа на причините за несреќата, додека јавноста во Колумбија останува во шок од размерите на трагедијата.

Претходна вестОвие двајца министри во јуни нема да бидат дел од Владата на Мицкоски
Следна вестСе враќа зимата – на планините ќе падне до еден метар снег