Дали е во ред тоа што го прават бензинските пумпи во државата?

1810

Откако беше најавено дека цените на горивата ќе се зголемат по полноќ, дел од бензинските пумпи престанале да продаваат гориво, правдајќи се дека резервите се потрошени.

На некои локации вработените им велеле на граѓаните дека нема нафта и дека ќе почнат повторно со продажба кога ќе пристигне нова количина. Според нив, уште од утринските часови била забележана зголемена побарувачка, при што на одредени пумпи биле продадени значителни количини гориво за краток период.

Вакви ситуации биле забележани на бензински пумпи во близина на граничните премини, но и во градовите. Дел од пумпите продавале гориво во ограничени количини, а некои точеле само до одредена сума. Ова предизвикало незадоволство кај граѓаните, кои реагирале дека се создава вештачки недостиг во пресрет на новите цени.

Во изминатите денови се забележуваат и поголеми редици на бензинските пумпи, особено поради зголемената неизвесност на пазарот на горива, која се поврзува и со случувањата на Блискиот Исток.

Во меѓувреме, Регулаторна комисија за енергетика на Северна Македонија донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 14,27 проценти во однос на претходната одлука.

Од полноќ на 10 март новите цени стапуваат на сила, при што бензините Еуросупер-95 и Еуросупер-98 поскапуваат за 5 денари по литар, додека цената на дизелот се зголемува за 14,5 денари по литар.

Според регулаторот, референтните цени на нафтените деривати на светските пазари во однос на претходната пресметка се зголемени во просек за 13 проценти кај бензинот, 36 проценти кај дизелот, 32 проценти кај екстра лесното масло за горење и 27 проценти кај мазутот. Во истиот период, девизниот курс на денарот во однос на американскиот долар е повисок за 0,95 проценти.

Претходна вест(ВИДЕО) Катастрофални снмки од Шкотска – гори една од најпознатите и најстари згради, градот целосно е во застој
Следна вестПронајден мртов чувар во поранешна фабрика – полицијата соопшти детали