Голем пожар зафати зграда во близина на Глазгов Централна станица во Глазгов, поради што беа извршени евакуации и привремено беше прекинат железничкиот сообраќај. Според информациите на BBC, во инцидентот нема повредени лица, но дел од зградата се урнал по неколку часа од избувнувањето на пожарот.
Пожарот започнал во продавница за електронски цигари на улицата Јунион, по што брзо се проширил на остатокот од објектот познат како Јунион Корнер. Станува збор за историска викторијанска зграда изградена во 1851 година, која во текот на пожарот претрпела сериозни оштетувања и делумно се урнала.
Во гаснењето на пожарот учествувале повеќе од 60 пожарникари и околу 15 противпожарни возила на Scottish Fire and Rescue Service. Екипите интервенирале од попладневните часови, но огнот се засилил во текот на вечерта, кога бил забележан и отворен пламен. Очевидци на социјалните мрежи објавија фотографии и видеа од густ чад и силен пожар, опишувајќи ја ситуацијата како драматична.
Неколку локални бизниси кои се наоѓале во зградата биле целосно уништени. Сопственици на продавници и салони потврдија дека нивните објекти изгореле во пожарот, што претставува голем удар за нивните бизниси.
Поради безбедносни причини бил евакуиран и блискиот хотел Voco Grand Central, а гостите биле префрлени во други сместувачки капацитети во градот. Од железничката инфраструктурна компанија Network Rail соопштија дека првичните проценки покажуваат дека самата станица не претрпела значителни оштетувања, но ќе биде извршена детална проверка.
Сепак, железничкиот сообраќај е сериозно нарушен. Компанијата ScotRail соопшти дека возовите од горното ниво на станицата нема да сообраќаат, додека дел од линиите ќе поминуваат низ станицата без застанување. Неколку железнички оператори веќе откажаа или пренасочија линии, а патниците се советуваат да ги проверат опциите за патување пред да тргнат.
Полицијата ги блокираше околните улици додека траеше интервенцијата, а на жителите им беше препорачано да ги држат прозорците затворени поради густ чад. Шкотскиот прв министер Џон Свини изјави дека е длабоко загрижен од случувањата и ги повика граѓаните да ги следат упатствата на службите за итни случаи.
#Escocia | Un fuerte incendio consumió un edificio histórico en Escocia, aledaño a la estación del tren de Glasgow. El fuego inició en una tienda de cigarrillos electrónicos. Video de @ActualidadRT pic.twitter.com/g7Azs6nR8A
— Diario La Gaceta (@DiarioLaGaceta) March 9, 2026




