Трагедијата со Ивана и ќерката ја потсети Македонија на масакрот кој ја зави државата во црно пред 11 години

1026

Трагичниот случај со 31-годишната Ивана Јовановска, која го загуби животот заедно со својата шестгодишна ќерка по пад од балкон во Скопје, повторно ја отвори болната тема за семејното насилство и трагедиите што може да ги предизвика. Овој настан кај многумина ги разбуди сеќавањата на слична трагедија што пред 11 години го потресе Кавадарци и ја зави Македонија во црно.

Во ноември 2014 година, поранешен зет упаднал во домот на родителите на својата поранешна сопруга во Кавадарци и со огнено оружје извршил тројно убиство. Во нападот животот го загубиле мајката, сестрата и таткото на жената. Напаѓачот тогаш прво пукал во мајката и сестрата, а потоа се качил на горниот кат од куќата каде го убил и таткото.

Сопругата на убиениот маж починала на лице место, а ќерката била пренесена во болницата во Кавадарци, но подоцна им подлегнала на повредите. Страшната сцена прва ја видела поранешната сопруга на напаѓачот, која се вратила дома од работа.

По злосторството, сторителот избегал од местото на настанот и се криел неколку дена. Полицијата го уапсила по потера во близина на градските гробишта во Кавадарци, каде кај него бил пронајден пиштол со преостанати куршуми. Според информациите од истрагата, негова намера била да ја убие и поранешната сопруга, а потоа да си го одземе животот.

Случајот предизвика огромен шок во Кавадарци, каде на денот на погребот беше прогласен Ден на жалост. Судскиот процес подоцна заврши со најтешката казна – доживотен затвор за сторителот.

Трагедијата со Ивана и нејзината ќерка повторно ја потсетува јавноста на опасностите од семејното насилство и на потребата од навремена реакција од институциите, за вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторат.

Претходна вестДали добивте пари од МојДДВ? – Важни информации за скенирачите на фискални
Следна вестПогодена луксузната Јас Марина во Абу Даби, Иран ја таргетираше и кулата во Дубаи: Драматични снимки од нападот