Светот е во паника по одлуката на гигантот „Нестле“ да спроведе едно од најголемите повлекувања на бебешка формула во историјата. Француските власти истражуваат два смртни случаи на доенчиња кои го консумирале спорниот производ, додека во Белгија веќе е потврден случај на бебе кое се разболело од опасниот токсин цереулид, сооопшти „Еуроњуз“.
Проблемот потекнува од фабриката во Холандија, каде била користена состојка од кинески добавувач контаминирана со бактеријата Bacillus cereus. Повлекувањето опфаќа познати брендови како SMA, Beba, Guigoz и Alfamino. Иако кај нас сè уште нема официјална потврда за спорните серии, родителите се повикуваат на исклучителна претпазливост и проверка на сериските броеви на амбалажите.
По масовното повлекување на бебешки формули во над 60 држави, здравствените власти алармираат за симптомите на труење со токсинот цереулид. Овој токсин е исклучително отпорен на топлина, а симптомите се појавуваат брзо – од 30 минути до три часа по консумирањето на млекото.
Најчестите знаци се силно повраќање и водена дијареја, кои често наликуваат на обичен стомачен вирус, што може да ги завара родителите. Изворот на контаминација е откриен кај кинески добавувач на масло, а „Нестле“ веќе соработува со меѓународните институции за да се спречат дополнителни трагедии. Советот до сите родители кои користат формули на овој производител е веднаш да се консултираат со педијатар доколку забележат каква било промена кај своето дете.
ИТНО СЕ ПОВЛЕКУВА ОД МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР МЛЕКОТО ЗА ДОЕНЧИЊА „АПТАМИЛ“ ПОРАДИ ТОКСИН
Итно се повлекува од македонскиот пазар млекото за доенчиња „аптамил AR 2“, ENG 24×400 грама, серија 2027.01.02, кај кој е утврдено присуство на цереулид (cereulide), соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Агенцијата апелира потрошувачите што го имаат купено овој производ со наведениот лот и рок на употреба да не го користат или да го вратат на местото од кај што го купиле.

Симптомите на труење со токсинот цереулид, се појавуваат брзо, од 30 минути до три часа по пиењето на млекото, а најчестите знаци се силно повраќање и водена дијареја.
„Нашите испекциски служби вчера спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна – увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои вчера како контакт-точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ добивме известување за пласиран небезбеден производ на македонскиот пазар. Станува збор за APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња по потекло од Ирска, кај кој е утврдено присуство на цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата во нотификацијата наведено е маслото ARA“, соопшти Агенцијата.
Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарт во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, сооошти Агенцијата за храна.



