Можеби во некои општини изборите нема да бидат успешни – ќе има ново гласање

1610

Според податоците на ДИК за излезеноста на локалните избори до 17 часот, во некои општини може да се забележи многу низок процент на излезеност поради што постои опасност во овие општини да не биде избран градоначалник.

Имено, согласно член 132 од Изборниот законик, за да има победник денеска или за да има втор круг гласање по две недели, денеска мора минимум да гласаат 33,33% од избирачите запишани во соодветната општина.

„Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина“, стои во Изборниот законик.

Според податоците на ДИК, до 17 часот, најмала излезеност има во Центар Жупа со 19,15 проценти, Врапчиште со 20,94 отсто, Маврово-Ростуше со 25,89 проценти, Гостивар 28,02 проценти.

Излезеноста во Шуто Оризари – 30,38 проценти, Радовиш – 31,57 проценти, Пласница – 32,87 проценти, исто така е мала, но можно е да го надминат потребниот праг до затворањето на гласачките кутии.

Претходна вестНе се работело за претседател на избирачки одбор, уапсените во Чаир лажно се претставувале како набљудувачи на изборниот процес
Следна вестВМРО-ДПМНЕ со убедлива победа во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, Велес, Штип…