Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Даниела Колева, изјави дека трагедијата со убиството на младата Росица во Велес ја разголила „целата неспособност и нефункционалност на институциите раководени од ВМРО-ДПМНЕ“.
„Не може вината да се сведува само на 11 полицајци. На толку многу пропусти, каде се началниците и командирите, каде се функционерите? Зошто тие се заштитени? Каде е нивната одговорност?“, праша Колева.
Таа побара од Јавното обвинителство итно да отвори истрага за сите инволвирани во случајот, а одговорност да понесат не само полициските службеници, туку и нивните раководители и, како што рече, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ако навистина е точно дека Росица лично му се обратила на Тошковски со порака, како што сведочат нејзини пријатели, тогаш станува збор за скандал од највисоки размери. Панче Тошковски мора да поднесе оставка од морални причини,“ истакна Колева.
Таа додаде дека институциите не ја заштитиле Росица и дека нејзиниот „крик за помош останал игнориран – што е срам за државата и тежок товар на совеста на сите кои се дел од системот“.
