Семејството на Теодора Бабарчиќ моли за било каква помош за пронаоѓање на 16-годишна ќерка Теодора Бабарчиќ која во четвртокот попладне исчезна во водите на Вардар кај селото Уланци – општина Градско.
Веќе петти ден се уште нема ни трага ни глас од девојчето. МВР во потрагата вклучи и специјални единици со нуркачи, а употребени беа и дронови, но залудно.
Во единствената објава од МВР се вели дека во СВР Велес било пријавено дека две женски лица на возраст од 16 и 26 години потонале во водите на Вардар во близина на селото Уланци, општина Градско.
„По пристигнување на местото, 26 годишната жена е пронајдена жива, а по 16 годишното девојче се уште се трага, информираат вечерва од СВР Велес. Во моментов екипи на СВР Велес се присутни на терен и во координација со останатите надлежни институции работат на пронаоѓање на лицето“ – информираа од МВР.
„Очајно си ја барам ќерката Теодора Бабариќ, 16 години, која пред 3 дена се удави во водите на Вардар, Општина Градско-Уланци. Институциите сите се известени, потрагата се уште трае. Даваат се од себе да ја најдат, сега за сега се води како исчезната. Доколку некој од овчарите, земјоделците, рибарите ја видат во водите на реката Вардар, делот од Градско до Гевгелија, како што тече водата во тој дел, молам за информација, секоја информација е добредојдена. Пријавете во МВР, за побрзо да се најде моето дете, мојата душа. Облечена е во розеви дводелни купаќи, црна коса, кафени очи… Ве молам споделувајте за што побрзо да се најде“ – објави мајката на Теодора.