Нема поништување на изборите во Романија, судот денеска ќе ја потврди победата на Дан

145

Уставниот суд на Романија ја отфрли жалбата на лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Ѓорѓе Симион, со која се бараше поништување на резултатите од вториот круг на претседателските избори во земјата, соопшти агенцијата Аџерпрес.

Симион го загуби вториот круг во неделата од независниот кандидат и градоначалник на Букурешт, Никушор Дан.

– На седницата на 22 мај 2025 година, Уставниот суд, во рамките на своите овластувања (…), го разгледа барањето за поништување на (резултатите) од изборите за претседател на Романија на вториот круг од гласањето на 18 мај 2025 година, поднесено од г-дин Ѓорѓе-Николае Симион. По дискусиите, Уставниот суд едногласно го отфрли барањето за поништување на (резултатите) од изборите како неосновано. Одлуката е конечна, соопшти Централното изборно биро на Романија во соопштение за медиумите.

Судот денеска ќе ги потврди изборните резултати, а на церемонијата на верификацијата ќе присуствува и Дан.

Жалбата на Ѓорѓе Симион, со која тој го оспорува резултатот од вториот круг на претседателските избори, беше регистрирана вчера во Уставниот суд.

Симион претходно неделава изјави дека планира да поднесе барање до Уставниот суд за поништување на изборните резултати поради „надворешно мешање“ во изборниот процес.

Претходна вестВо МЕПСО на инвеститори им било барано мито
Следна вестНад 4 милијарди евра се задолжени граѓаните во банките