Основното обвинителство во Битола бара притворската мерка да остане, иако органите на прогонот сѐ уште не го нашле 40-годишниот битолчанец кој пред три и пол месеци крвнички ја претепал поранешната девојка во неговата викенд куќа во потпелистерското село Ниже Поле, кога таа посегнала по нож и си ги пресекла вените. Девојката со тешки телесни повреди ја преживеа траумата, а битолчанецот побегна.
Обвинителството поднесе обвинение против 40-годишниот битолчанец кој се товари за противправно лишување од слобода од член 140, став 5 во врска со став 2 и став 1, како и за телесна повреда од член 130, став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител веќе издаде наредба за распишување национална потерница и ги презеде сите дејствија неопходни за евентуална екстрадиција на лицето доколку се утврди дека се наоѓа во друга држава.
Од Обвинителството соопштија дека свирепото насилство се случило на 21 октомври 2024, кога обвинетиот противправно и на сила ја држел затворена својата поранешна партнерка во викенд куќа во атарот на Ниже Поле. Притоа ја удирал со тупаници, шлаканици и клоци по главата и телото, ја влечел за косата и телесно ја повредил. Не можејќи да го издржи насилничкото однесување, жртвата посегнала по нож и си ги пресекла вените на левата рака. И покрај тоа, тој продолжил да ја удира и малтретира, по што побегнал.