Младата Фросина Кулакова од Неготино чиј живот насилно згасна на 29 јануари, ќе биде погребана денеска. Дваесет и две годишната модна дизајнерка чии креакции оставаа печат на колоритност и позитивност го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин, кај Силбо, од 20 годишниот возач Васил Jованов.
-Животот уште незапочнат – најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо, ни на земја. За сите пријатели, роднини, колеги. Петок 31.01.2025: капела Бутел од 10 до 11 часот, капела Неготино од 1 до 2 часот попладне и погреб. Почивај во мир мила наша, мила да си при Бога Фросинче, напиша таткото на Фросина на социјалните мрежи.
-Сестро моја, моја најголема љубов и најголема болка. Животот ме раздели од тебе многу рано, но никогаш нема да те раздели од моето срце. Твојата душа е тука во секој здив што го земам во секоја солза што паѓа. Празнината што ја остави никогаш нема да се пополни, но љубовта што ја делевме ќе живее вечно. Почивај во мир Сосинка ангелу мој. Засекогаш ќе бидеш со мене и со сите нас. Летај со ангелите бати, стои во објава на Фејсбук.
Кривичниот суд вчера му одреди притвор во траење од 30 дена на Васил Јованов. Како што претходно соопштија од Обвинителството, Јованов бил пијан, возел без возачка и со голема брзина на црвено на семафорите во близина на Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“.
„Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“.
Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Граѓани најавија дека денеска во 13 часот излегуваат на протест по трагичната несреќа во која загина Фросинa. Тие бараат надлежните да отворат очи. Истовремено, лути се на судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач Васил Јованов, кога го осудил за поседување на дрога. Во објавата на социјалните мрежи, граѓаните повикуваат на собирање и блокада на булеварот како израз на револт кон судската одлука.