Празен фрижидер, „камен“ ладна соба, празна трпеза и празни кутии од лекови кои треба да се пијат постојано – ваков е животот на 53 годишната Жаклина Анѓелова од село Лакавица, штипско. Нејзиниот сопруг починал пред две години и оттогаш таа живее сама. Болна и неспособна за работа, без приходи, без храна ги минува студените денови. Нема електрична енергија, ниту пари да ја плати сметката за вода.
„Јас сум сама, немам никаков приход, ни пари, ни јадење, ни пиење, ни дрва – немам ништи, јас сум скроз сама. Имам висок притисок, шеќер, соседите викаат брза помош за мене. Не сум способна за работа“ – рече Ангелова.
Ако некој се сожали да и донесе парче ќе јаде, ако не останува гладна со денови. Дрва нема па со ќебиња се труди да се стопли и да ги помине студените зимски денови.
“Ако дојде некоја женичка и да ми донесе малку лебче, со тоа прекарам. Ако имам денеска ќе јадам, ако не нема. Во ладно седам немам дрва, со ќебиња се покривам, отидам кај некоја соседка поседам еден час стоплам се малку, дојдам си.“ – вели Ангелова.
На работа не ја примаат оти е болна и неспособна да работи. Живее во куќа која не е нејзина и во секој момент може да и кажат да ја напушти истата. Треба да пие лекарства, но вели нема пари да ги купи и постојано да ги пие.
„Јас имам потреба од се. Утре да ми речат излези од куќата, јас треба да излезам. Оваа куќа не е моја. Ојде да ме примат на работа, оболена сум не ме примаа. Еве со лекарства живеам, а немам пари ни за нив.“ – додава Ангелова за Мнет телевизија.
Со солзи во очите Анѓелова моли за помош, да може да живее скромно но нормално. Има потреба од дрва, храна, лекарства, облека. Не зема социјална помош и нема приходи од ниту една страна. Секоја помош ќе и биде од големо значење.
Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Мнет Телевизија.