Напаѓачот кој со нож уби едно дете во основното училиште Пречко во Загреб, се соочува со кривична пријава за тешко убиство и четири тешки убиства во обид, но прашање е дали ќе заврши во затвор. Наместо тоа, тој ќе биде сместен во психијатриска установа каде ќе биде под постојан надзор.
Цела Хрватска е во шок, болка, но и гнев ден по страшниот масакр по трагедијата во која седумгодишно дете беше убиено во крвав напад од деветнаесетгодишен млад човек кој непречено влегол во училиштето и со нож масакрирал ученици и наставници, јавува „Новости“.
Во целата држава е ден на жалост, а граѓаните денеска запалија свеќи на местото на трагедијата. Се повеќе се поставуваат прашањата дали можеше да се избегне крвопролевањето во училиштето и кој е одговорен за тоа што се случи. Родителите на младиот човек кој со нож упадна во училиштето во кое одел, тврдат дека ги предупредиле лекарите дека треба да биде хоспитализиран, но тоа не било направено. Основното училиште, како и повеќето од 880 училишта во Хрватска, нема стражар, па во него може да влезе секој.
– Свесни сме дека нема училиште кое е имуно на ваква трагедија, но надлежните во образовниот систем не презедоа заштитни мерки за нашето училиште – напишаа родителите од училиштето со апел да се преземат соодветни мерки за учениците да можат безбедно да оди на училиште на 7 јануари по распустот.
Не се лути само родителите на децата во загрепското основно училиште што системот очигледно пропаднал, туку гневот се шири низ целата земја, а граѓаните тврдат дека има пари за вооружување, мито и корупција, но не и за училиштата и здравството.
Пред училиштето граѓаните оставаат цвеќиња и детски играчки со трогателни пораки „нека ве чуваат ангелите кога ние не можевме да ве заштитиме“. Колку убодни рани добило ќе покаже обдукцијата на телото на седумгодишното момче, а се прегледува и видео снимката за да се реконструира крвавиот марш околу училиштето. Оперираните деца и нивната наставничка, кои се здобија со 31 убодна рана од нож додека ги бранеа учениците, се надвор од животна опасност. На наставничката и беше последна година во училиште бидејќи е пред пензија, а „црниот петок“ на директорката и беше последен работен ден бидејќи и таа оди во пензија.
Наставниците од основното училиште во Пречко во кое учат 486 ученици тврдат дека градот Загреб не дозволува изградба на ограда околу училиштето во кое се собираат наркомани и психопати. Тие го вперуваат прстот кон Министерството за образование и градот Загреб и тврдат дека „училиштата се нашето најголемо богатство, а ние немаме ни вратари, огради, психолози, чувари“.
-Купуваат авиони, корупцијата на политичарите им одзеде многу пари, а за децата немаат – велат гневните родители, со прашањето „како нашите деца ќе дојдат на местото на злосторот за две недели“.
Родителите велат дека самите ќе ги платат чуварите кои треба да ги има во секое училиште и градинка. Беше организирана и психолошка помош, бидејќи повеќето од децата кои го видоа крвавиот марш, на очигледно болен млад човек, околу училиштето се уште се во шок.
Црногорската влада одлучи да го прогласи 23 декември за ден на жалост поради смртта на детето во нападот врз ученици и професори во Хрватска.
Психијатрите предупредуваат дека на децата во Хрватска одамна не им е добро, страдаат од депресија, а темите за здравство и граѓанско образование се отстранети од наставните програми. Предупредуваат дека се инвестира во реновирање на училиштата, „бетонски и нови паркети“, а недостига работа со деца.