Над 160 вработени во „Водовод“ работеле на дефектот на главниот цевковод во Скопје

36

Екипите на ЈП Водовод и Канализација Скопје ја привршуваат санацијата на главниот скопски водовод, кој со децении трпеше огромни загуби на вода. На улицата Никола Парапунов во Карпош 4, повеќе од 160 вработени – инженери, водоинсталатери, техничари и оператори, од доцна синоќа се ангажирани на отстранување на дефектот на главната цевка, поради кој две третини од Скопје останаа без вода.

Акцијата започна во раните утрински часови, со празнење на магистралниот водовод на критичните точки. Полнењето на системот е веќе започнато, а стабилизација на притисокот се очекува во следните неколку часа.

Шест реконструирани сегменти
Модернизацијата опфати репарација на шест клучни сегменти, вклучувајќи:

Замена на пет воздушни вентили и затварачи на булевар Партизански одреди.

Реконструкција на затварачи на мостот Обединети Нации, Порта Влае, и улицата Никола Парапунов.

Замена на главниот затварач Ф700 на раскрсницата со булевар Партизански одреди.

Со овие зафати значително се подобрува водоснабдувањето и притисокот во општините Ѓорче Петров и Карпош, како и ефикасноста на целиот систем.

Пример за успешна санација

-Во време кога многу населени места се соочуваат со хронични проблеми со водоснабдувањето, нашите екипи покажаа што значи навремена и стручна санација, велат од ЈП Водовод и Канализација.

Од претпријатието апелираат за поддршка од јавноста и разбирање за сложеноста на акцијата, која бара висока стручност и техничка подготвеност. ЈП Водовод останува достапно за сите прашања и информации за текот на операцијата.

Благодарност за ангажираните вработени

-Голема благодарност до сите наши вработени кои посветено работат за решавање на деценискиот проблем со дефектите и загубите на вода. Со оваа санација поставуваме нови стандарди за квалитет во водоснабдувањето, додаваат од претпријатието.

Претходна вестНе можам да верувам дека никогаш повеќе нема да ме прегрне – потресна порака, Хрватска во солзи
Следна вестГрадоначалникот на Кочани, Папазов и директорката на комуналното ќе добијат кривична – следува и протест