Новата потпретседателка на СДСМ, Кристина Костова: Исправени сме пред сериозни предизвици, но кога на истите се одговара сплотено, борбено и со јасна визија за иднината, ништо не е тешко

343

Централниот одбор на СДСМ вечерва ги избра потпретседателите на партијата. Во овој состав се најдоа поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, универзитетската професорка Ана Чупевска од Правниот факултет во Скопје, Кристина Костова од општинската организација на СДСМ во Штип и Менде Илиевски од Битола.

Преку социјалните мрежи, прво официјално обраќање кон јавноста имаше Кристина Костова, која порача:

-Чест е да се биде потпретседателка на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Тежината на функцијата е голема и поради сите претходници и претходнички кои ја носеле, од кои со добар дел честопати сум имала можност да соработувам, да учам од нив, заеднички со нив да градиме политики, но и да работиме на одржување и јакнење на структурата.

Одговорноста е уште поголема, особено во бурни времиња, со неповолни ветришта од сите страни.

Благодарам на претседателот Филипче и на членовите на ЦО за укажаната доверба да ја извршувам оваа функција. Најголема благодарност упатувам до моите сопартијци, до моите долгогодишни соборци, со кои, се чини, сме поминале повеќе лошо, отколку убаво, низ трнливи патишта, со кои непоколебливо сме се бореле против режимот на Груевски и сме сме давале жесток Отпор, со кои сме ја сееле Вистината за Македонија и сме успеале да ја исправиме Македонија на прав пат. Благодарам и за безрезервната поддршка искажана од другарките и другарите од мојата матична ОО СДСМ Штип, младите, како и на сите другари и другарки од МО „Тошо Арсов“, каде што најнепосредно и другарски ги градиме политиките и ја крепиме партијата.

Функциите се важни, но се минливи. Мојот ангажман во СДСМ и во иднина, како и досега, ќе се базира на силната лојалност кон нашето социјалдемократско семејство и посветеноста на социјалдемократската идеја, која е вградена во темелите на сѐ што е државотворно и полезно за државата.

Ни претстои многу работа за да ја вратиме меѓусебната доверба, да ги зајакнеме партиските капацитети на секое партиско ниво и да обезбедиме квалитетна политичка понуда во која секој граѓанин ќе се препознае себеси и своите потреби.

Исправени сме пред сериозни предизвици, но кога на истите се одговара сплотено, борбено и со јасна визија за иднината, ништо не е тешко, напиша таа.

Претходна вестМартин Костовски и Љупчо Фармаковски нови организациони секретари на СДСМ
Следна вестАНАЛИЗА: Новите кадри на СДСМ се без црна дамка, млади и успешни во своите професии