Нашиот живот е изложен на безброј ограничувања и несреќи. И тој минува, сите работи минуваат освен една. Животот е чудо.
Да живееш секој ден со помислата и копнеж по една личност, копнеж по една прегратка, еден глас…
Треба да си силна, велеше, да бидеш борец. И да, борец сум благодарение на тебе. Но, во таа една борба ме повреди само еден, еден кој ми ги уништи сите клетки во моето тело, еден кој ми го сруши светот.
И еве, денес пишувам за него, за човекот кој ме научи што е вистинска среќа, оној кој ми покажа како да се борам во животот. Истиот тој кој ми ја црташе насмевката и ми велеше: „Запомни, се што лета, не се јаде“.
И што сега кога веќе го нема? Нели времето лечи се? Најголемата лага. Таа празнина, таа дупка никогаш нема да биде пополнета.
Го паметам мирисот на неговото доаѓање, скокоткањето од брадата кога ме бакнуваше во образ, неговите големи утешни раце со кои ме креваше во височина.
Кога ме учеше да пишувам неговите букви беа топли, големи и тркалезни исто како и прегратките кои сè уште ги паметам толку живо, а ќе ги паметам вечно.
Се нервирав за играта со другарчињата, се нервирав за првата 4-ка во седмо одделение, а тој велеше: „Немој да се нервираш за глупости најубава ќерко“. И во право беше. Се нервирав за глупости, не знаејќи уште колку ќе нè има на светот.
А, тебе? Тебе те имаше прекратко.
Доволни ли беа 45 години? Ти, ти замина проклето бргу, неочекувано.
За роденденот ти купив подарок, обична ситница, но сепак од срце. Ти напишав и неколку убави зборови, јас прва ти го честитав. Тие зборови ти подоцна ги кажа на сите и велеше колку си бил горд на мене. Боже, јас блескав од среќа.
И денес е твојот ден, еден од најубавите денови во годината.
Дојди сега пак прва да ти го честитам. И денес ќе ги напишам најубавите зборови. Само за тебе, да бидеш горд на мене.
Ти ме научи на сè, но едно нешто ќе ме мачи. Зошто никогаш не ме научи дека има моменти кога некој заминува и никогаш не се враќа? Зошто не ми ја покажа суровата страна на животот?
Ти, ти кој рече дека секогаш ќе бидеш тука, ете токму ти замина.
Додека те имав тебе, знаев дека ништо нема да боли вечно. А, денес знам дека ти ќе болиш вечно.
Горда сум зошто токму ти си мојот татко, мојот ангел чувар, кој живее во моето срце.
За другите те нема, но за мене ти си постојано покрај мене, и знам дека секогаш ќе ме држиш за рака.
Среќен роденден татко, ми недостасуваш бескрајно…