Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе изврши вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести и Клиниката за за респираторни заболувања кај деца Козле каде било лекувано 14-месечното дете кое почина.
Министерството за здравство соопшти дека според информациите од Клиниката за детски болести, детето е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација и детето починало утрово. Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта.
„Слободен печат“ објави дека рано утринава на Клиниката за детски болести во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, починало 14-месечно женско бебе. Бебето било неколку пати одбивано за хоспитализација, иако родителите го носеле во болницата. Секогаш било пуштано дома, без да биде хоспитализирано. Гледајќи дека се одбивани за хоспитален третман, родителите го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во Одделението за интензивна нега на Детската клиника.
„Околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар „Мајка Тереза“, (В. С.) 29-годишен маж од село Гошинце и неговиот брат оштетиле инвентар во болницата откако починала едногодишната ќерка на В. С.“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, за МИА изјави дека со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање на здравствена заштита.
„Обезбедената медицинска документација и изјавите на здравствените работници ќе бидат проследени до министерот за здравство и ќе се иницира формирање комисија за стручен надзор“, изјави Лазов.