Поранешниот пратеник и нов владин национален координатор за демографија, Влатко Ѓорчев, вели дека во 2021 година не ја напуштил политиката, иако прифатил да работи во приватниот сектор.
-Ако ја прочитате подобро изјавата, ќе видите дека ќе работам во приватен сектор и ќе имам таму ангажман, но во истата објава велам дека останувам во ВМРО-ДПМНЕ како член на Извршниот комитет, дека ќе се ангажирам затоа што мислам дека ситуацијата и тогаш и сега, во која се наоѓа Македонија, е прилично тешка и лоша и државата треба да се извади калта во која се наоѓа. Сега сум ангажиран во демографијата и мислам дека е важна област за иднината на Македонија. Од неа е важно како ќе бидат определени наредните 10, 20 и 50 години во Македонија, рече Ѓорчев во гостување на „Канал 5“.
Тој беше пратеник во неколку состави на Собранието од 2006 до 2020 година, а во ноември 2021 година објави дека решил да почне да работи во реалниот сектор.
-Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму, напиша тогаш Ѓорчев.
За назначувањето на Ѓорчев за позицијата национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, од СДСМ обвинија дека „ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорчев го смести во фотелја, му измислија државна функција, за што граѓаните ќе плаќаат над 105 000 денари месечно или еден милион денари годишно“.