Случајот со исчезнувањето на двегодишното девојче Данка Илиќ кај српскиот град Бор дополнително се заплетка откако еден од осомничените за нејзиното убиство негираше дека ги извршил овие кривични дела. Срѓан Јанковиќ денеска беше сослушан во Вишото јавно обвинителство во Зајечар, при што тврдеше дека е невин и дека не ја убил Данка.
Јанковиќ се бранеше со молчење откако беше уапсен заедно со својот колега Дејан Драгијевиќ, кој пак веднаш го признал убиството. Двајцата оттогаш се наоѓаат во притвор.
Данка Илиќ исчезна на 26 март во населбата Бањско Поле кај Бор, по што уследи масовна потрага која донесе малку резултати. Потрагата се протегна сѐ до Виена, откако се појавија информации дека таа била видена таму, што потоа беше демантирано од австриската полиција.
Десетина дена по исчезнувањето, српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека се уапсени две лица кои признале дека ја убиле Данка. Тогаш беше објавено дека двајца 50-годишни работници на јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор ја удриле Данка со службеното возило „фиат“, по што телото го ставиле во багажникот и го фрлиле на дива депонија кај Бор. Сепак, телото досега не е пронајдено, а по деталните испитувања, во нивното службено возило не се пронајдени ДНК траги на девојчето.
Дополнително беа уапсени и таткото и братот на Драгијевиќ под обвинение дека му помогнале да го премести телото на Данка на друга локација. Братот на Драгијевиќ потоа почина во полициската станица во Бор, наводно од претепување.