Додека партиите се на крајот од преговорите за владина коалиција, продолжува рокот од 10 дена во кој претседателката треба да му го додели мандатот на Христијан Мицкоски, кој потоа во рок од 20 дена ќе треба да состави влада. Претседателката Силјановска рече дека мандатот ќе го даде во уставниот рок.
На незадоволство на Европскиот фронт и првиот човек на ДУИ, кој нема да биде дел од владата, Силјановска Давкова вели дека Уставот предвидува еден победник на изборите, кој може да го добие мандатот.
Во меѓувреме продолжуваат последните разговори за формирање влада. Од ВЛЕН велат дека се обидуваат да постигнат сеопфатен коалициски договор со програмско усогласување, но и кадровски.
„Секојдневно го зголемуваме нивото на меѓусебна доверба и преговарачкиот процес продолжува да се развива со добра волја и висок интензитет. Остануваме отворени за соработка со други политички партии и поединци кои делат исти програмски цели. Ги чуваме вратите отворени и како активен партнер влијаеме и работиме на конечен и сеопфатен договор за што побрзо формирање на Влада“, велат од Влен.
И од Движењето ЗНАМ потенцираат дека продолжуваат со преговорите за нивно влегување во Владата додека за детали лидерот Максим Димитриески вели дека треба да се чека Мицкоски да го добие мандатот.
Додека партиите ги финализираат деталите, вчера Изет Меџити изјави дека очекува 3-4 пратеници од Европскиот фронт да се приклучат на парламентарното мнозинство.