„Гаши целиот мандат ќе зборува на албански јазик“ – Кабинетот на собранискиот спикер и одговори на Костадиновска – Стојчевска

244

Прво на албански, па на македонски. На овој начин новиот собраниски спикер Африм Гаши положи заклетва.

Во моментот кога се случи ова, никој не реагираше од пристутните пратеници. Но, еден ден подоцна министерката за култура, сега пратеничка на СДСМ, партијата која се повикуваше на слоганот „Едно општество за сите“ , поднесе претставка.

Бисера Костадиновска-Стојчевска поднесе претставка до Надзорните служби на Министерството за култура бидејќи смета дека е прекршен законот за употреба на македонскиот јазик.

Прашани за ова, од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши, за ТВ21 велат дека употребата на албанскиот јазик е загарантирана со устав и дека ова право ќе го користи во текот на целиот мандат.

„Претседателот на Собранието го остварува правото на употреба на албанскиот јазик во службената комуникација, што е загарантирано со уставот, важечките закони и прописите на Собранието. Ова законско право ќе го остварува во текот на целиот мандат. Претседателот Гаши се залага да гарантира дека сите собраниски процедури, во согласност со правата и обврските кои произлегуваат од законите, го почитуваат и унапредуваат нашето мултикултурно општество“, велат од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Став во врска со претставката на неговата сопартијка побаравме и од Фатмир Битиќи, единствениот албански пратеник во СДСМ, но одговор не добивме.

Инаку, Гаши откако положи заклетва, рече дека ќе се погрижи на секој пратеник да му се гарантира правото на изразување и дека ќе се залага ниту еден пратеник да не биде дискриминиран.

Гаши за претседател на Собранието е предложен со потписи на 75 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ и „Движењето ЗНАМ“.

Претходна вестЕКСКЛУЗИВНО: Утре СДСМ ќе одржи состанок на Централниот одбор – познато е што ќе се случува
Следна вестАлармантно: Депонијата го загуши Кочани како никогаш досега, падна и оставка на директорот на комуналнотo претпријатие