Ковачевски: Али Ахмети прави грешка со скандирањата УЧК, тоа никому не носи добро

176

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“.

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Неготино.

Ковачевски го повика Ахмети да се воздржи од реторика која не е соодветна за актуелната сегашност, во која Македонија се стреми да стане рамноправна членка на Европската Унија.

„Господине Ахмети, членови и симпатизери на ДУИ, да не дозволиме да се вратиме назад во темните делови од поновата македонска историја. Имаме голема одговорност пред граѓаните, а нашите гласачи кои очекуваат да обезбедиме подобра иднина, да се препукуваме со идеи и концепти за иднината, наместо со закани и плашење. Ние мора да им испорачаме иднина на граѓаните, а не да ги заплашуваме со повици од минатото”, – рече Ковачевски.

Пред жителите на Неготино, Ковачевски говореше од потребата сите граѓани во државата да се обединат околу идејата за европска Македонија без разлика на нивната етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност. Порача дека европските вредности ќе ги достигнеме само со инклузија, а не со дневно-политички квази-национализам.

„Да не дозволиме некој да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме право да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме морална обврска да им ги обезбедиме најдобрите можни услови за живот и со реални и издржани политики да ги поттикнеме да си ја бараат среќата дома, во европска Македонија.“

Лидерот на СДСМ порача дека Македонија доволно долго седеше во чекалницата на ЕУ и крајно време е државата одлучно да го продолжи патот кон Брисел. Истакна дека само СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат сила, знаење и капацитет да ги завршат преговорите и да ја внесат државата во ЕУ.

„Ние сме единствениот легитимен наследник на НОБ, партија која е секогаш подготвена да се бори за граѓаните и за иднината на земјата; единствена партија која повикува на мобилизација на демократскиот блок. Па замислете на што ќе личеше ако Илинденците се откажеа од својата заложба за слободна Македонија? Или пак Асномците од своите идеи? Замислете само како ќе изгледаше сите наши претходници во 90-тите да се откажеа од независна Македонија, членка на ОН, слободна и суверена држава?“, ги праша Ковачевски неготинчани.

Ковачевски посочува дека СДСМ во 90-тите, предводена од тогашниот претседател, Киро Глигоров, ја внела Македонија во Обединетите Нации и токму СДСМ е партијата во чие време, во 2005-та година, државата се стекнала со кандидатски статус за Европската Унија.

„Како што тие не се откажале, нема да се откажеме ни ние во нашата цел за Македонија во ЕУ, држава со европска иднина за нашите деца и идните поколенија“, порачува Ковачевски.

Ковачевски ги потсети граѓаните дека СДСМ е заслужен и за тоа што Македонија стана членка на НАТО и додаде дека СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе Македонија во ЕУ.

„Знаете, целосно сме свесни за казната во првиот круг од претседателските избори. Пораката е примена со сето достоинство и со цела почит кон сите граѓани кои излегоа да гласаат, но и кон оние кои одлучија да не излезат на гласање“, вели Ковачевски и додава дека со право дел од граѓаните се незадоволни од дел од нивните политики, одлуки или кадровски решенија изминатите години.

„Свесен сум и дека нашата инклузивност, но и концептот на едно општество за сите беше често и злоупотребуван од одредени политички сили и структури во земјата за лична корист. Можеби бевме и премногу попустливи во одредени ситуации, дадовме многу, а добивме многу малку за возврат. Но, тоа не значи дека во било кој момент сме се откажале од остварувањето на нашите политики и активности“, посочува Ковачевски.

Тоа значи дека сме ја научиле лекцијата, вели претседателот Ковачевски и додава дека поуката е извлечена и наредниот пат пристапот ќе биде повнимателен и многу претпазлив, се наведува во партиското соопштение.

Претходна вестСреќен роденден Ѓокица Лукаревски
Следна вестФилипче: Верувам дека ниеден наш член не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола