Пендаровски: Резултатите не се такви какви што очекувавме, сметавме на помала разлика, од утре почнуваме од нула

201

„Јасно е дека уште пред да почне изборната трка политичката кондиција на коалицијата не беше на завидно ниво, особено не беше на нивото од 2019 година. Знаете што сѐ во меѓувреме се случуваше, но без поддршка од коалиција на политички партии не можете да размислувате да влезете во политичка трка. Од резултатите се гледа дека успеав да додадам некаква вредност на заедничкиот коалициски потенцијал. Што во првиот круг не беше доволен. Ќе има време за консолидирање помеѓу двата изборни круга“, рече кандидатот за претседател поддржан од СДСМ.

Општа оценка од првиот круг на претседателските избори е дека резултатите не се такви какви што ги очекувавме. Бројките сѐ уште се пресметуваат. Она што го знам од аналитичкиот центар е дека разликата ќе биде околу 130 илјади гласови, можеби нешто повеќе. Очекуваме помалку. Утре е нов ден. Веќе од утре почнуваме средби со граѓани, кои ги практикувавме и досега. Тргаме практично од нула.

Ова вечерва на прес-конференција од Изборниот штаб го изјави кандидатот за претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ.

„Знаете дека имаше седум кандидати, како никогаш досега. И веројатно тоа беше една од причините зошто гласовите се поделија на повеќе страни. Веројатно некои од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг земаа дел од она што беше претпоставен електорат на првите два кандидати кои продолжуваат понатаму. Но, тргнуваме од нула, од почеток“, рече тој.

Според него, негова задача следните денови од кампањата ќе биде да продолжи да го промовира концептот во кој, како што додаде, длабоко верува.

„Концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа, која внатре нема поделби по било која основа е моето животно кредо, мојата политичка филозофија, која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата, туку откако паметам за себе, од моите први појавувања пред повеќе од две и пол децении во македонската јавност“, вели Пендаровски.

Ги охрабри граѓаните кои, како што рече, не излегле во првиот круг да го дадат својот глас, да учествуваат на 8 мај, на изборите во вториот изборен круг.

Претходна вестВанковска: Со фабрикување на наводни фаворити се уби волјата на избирачите за изненадувања
Следна вестВанковска: Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита