Во светот на политиката, каде што динамиката и предизвиците се постојано присутни, има личности кои стануваат симбол на промена и напредок. Една таква личност е Митко Бојмацалиев, новото лице на Министерството за внатрешни работи, односно новиот дополнителен заменик министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија, кој после успешниот мандат на министерот Спасовски, ја презема должноста да ги организира претстојните парламентарни и претседателски избори во државата.
Пред Бојмацалиев е отворено ново поглавје како дел од Владата на Република Северна Македонија, со голема лична одговорност, но и професионално исполнување.
Бојмацалиев низ својата кариера во Собранието на Република Северна Македонија, како советник на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како заменик Шеф на кабинет на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, и како државен советник во МВР и Шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се истакнува не само како државен службеник, туку и како човек со семеен личен живот.
Роден во Гевгелија, израснат во Куманово, каде што поминува дел од своето образование, а почетокот на средното образование го поминува во САД.
Од младите денови покажува силна желба за подобрување на заедницата. Оженет, татко на две деца, магистер по право, неговите корени и традиционални вредности служат како основа на неговата политичка филозофија и посветеност кон граѓаните. Потекнува од семејство на полковник во Армијата, активно вклучен во безбедносните процеси на државата.
Бојмацалиев под водството на Спасовски од 2017 година до 2023 година поставија нови стандарди во областа на безбедноста, во делот на реформи на полициските служби, креирање мотивирана, опремена и задоволна полиција во служба на граѓаните, реконструкција на 80 објекти на МВР низ државата, инвестиции во ИКТ Дата центар во Прилеп, најсовремената форензичка лабораторија на Балканот, итн. Тој заедно со Спасовски се креатори на концептот „МВР за Граѓаните”, концепт кој резултираше како со зголемена ефикасност на полицијата во откривање и расветлување на кривични дела, така и со подобра услуга кон граѓаните. Неговите напори за зголемување на транспарентноста на институцијата, од заробена во отворена, рангирајќи го МВР во топ три најтранспарентни институции во државата, доведоа до зголемување на довербата на граѓаните во полицијата со над 65%.
Тој е реномиран помеѓу меѓународните партнери за својата способност да воспоставува ефективна соработка, како што се ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ, ИЦИТАП програмата при Одделот за правда на САД, како и бројните пријателски амбасади во државата со кои соработува со цел значаен придонес за модернизацијата на полициските сили.
Минатата 2023 година ја имаше честа да биде претседател на Одбор за организација на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, за што доби честитки за успешноста од страна на претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ел-Рајси.
За Бојмацалиев секогаш беше предизвик да се организира Денот на македонската полиција 7 Мај, како полицијата да биде поблиску до граѓаните, особено до најмладите, а целото одбележување да не биде истата приказна од претходната година.
Како човек кој е посветен на промоција на европски вредности и идеали, тој силно верува во демократијата, владеење на правото, и интеграција во Европската Унија, како клучни елементи за напредок на нашата државата. Без компромиси кога станува збор за владеење на правото, законите и правда за сите.
Како човек кој верува во креирање на силна демократија, пристојно општество каде сите се посреќни, поисполнети, толерантни и почитувани, Бојмацалиев ја дава својата поддршка на етничките малцинства и ранливите групи.
Бојмацалиев ја има визијата за Република Северна Македонија која е проспериритетна, европска држава, со силна економија, унапреден образовен систем, како и социјална правда и еднаквост за сите граѓани.
Неговата посветеност кон служењето на јавниот интерес и создавањето на безбедна заедница е она што го прави респектиран меѓу соработниците и граѓаните.
Бојмацалиев ја има улогата на дополнителен заменик министер за внатрешни работи во време кога државата е исправена пред клучен предизвик во преговорите со Европската Унија, а организирањето фер, слободни и демократски избори е врвен приоритет за кој тој се обврзува, се со цел чекор понатаму кон членството во ЕУ.
Тој силно верува дека Македонија нема алтернатива освен европскиот пат и силно ќе се бори како дел од СДСМ кој го предводи европскиот Фронт.
За таа цел тој се обврзува на транспарентност и праведност во изборниот процес, сметајќи дека ова е од суштинско значење за демонстрирање на демократскиот капацитет на земјата, како и кон создавањето на сигурна и стабилна атмосфера во која секој глас е слушнат.
Верува во наоѓање на заеднички јазик, како и на задржување на она што функционира и поправање на она што не функционира. Како носител на тешки одлуки, за Митко Бојмацалиев важи максимата „Промената секогаш носи нови можности”.