Бројката на починати лица од сезонски грип се искачи на шест лица, сето тоа во рок од три недели, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести,- Александар Петличковски.
– Шест починати лица не е мала бројка. Мислам дека сите беа невакцинирани. Некои од нив се во возрасната група над 65 години, некои од 25 до 65 години – рече Петличковски на прес-конференцијата по седницата на таа комисија.
Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје, изјави дека последниот смртен случај од грип е жена на возраст од околу 45 години со сериозни ризик од тешко заболување, со бројни коморбидитети, која починала на таа клиника.
Откри и каква е ситуацијата во моментот на Клиниката, односно колку болни лица се хоспитализирани.
– Седум лица заболени од грип во моментов се хоспитализирани на Инфективната клиника, пет со потврда, а двајца се на чекање. Шест лица се хоспитализирани со коронавирус,– рече Стевановиќ.
Стевановиќ додаде дека бројките растат и за кратко време ќе го достигнат својот пик и затоа сите треба да бидат внимателни.
– Грипот може да биде сериозна болест и треба да се сфати сериозно. Вакцината е најмоќното оружје во борбата против грипот и тоа треба да се има на ум,- рече Стевановиќ.
Комисијата за заразни болести на Македонија препорача да се носат маски во здравствените установи и домовите за заштита на старите лица.