Дваесет и петгодишен војник на Армијата на Република Северна Македонија синоќа починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје откако му се слошило за време на обука на полигонот Криволак, соопштија утрово од Генералштабот на Армијата на РСМ.
Професионалниот војник со иницијали А. Ј., како што информираат оттаму, бил еден од кандидатите кој посетувал курс за баталјонот специјални сили, кој изминатите дваесетина денови се одржувал на армискиот полигон.
Нему, вчера попладне по 18:30 часот, на самиот крај на изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс – марш на долго растојание, без претходни видни знаци, во еден момент му се слошило и паднал во бессознание.
„Веднаш, со армиско болничко возило и придружба на воен лекар, кои се постојано присутни на активностите на селективниот курс, е однесен во најблиската здравствена установа, во случајот здравствениот дом во Неготино, по што веднаш по направените интервентни испитувања е упатен со болничко возило кон Клиниката – КАРИЛ во Скопје, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон преземање на сите мерки за реанимација, но по кратко време се констатирала смрт“, се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата на РСМ.
Истражната постапка за случајот, како што информираат оттаму, ќе ја води јавен обвинител, кој дал насоки за понатамошната постапка и за утврдување на околностите за смртта на војникот.