Заврши тридневниот раст на европските берзи

168

На европските берзи во вторник во претпладневното тргување најважните индекси се лизнаа надолу, најмногу поради падот на цените на акциите во енергетскиот сектор и претпазливоста на инвеститорите пред одлуката на Европската централна банка (ECB) за каматните стапки во вториот дел од неделата.

Паневропскиот индекс STOXX 600 беше во минус од 0,4 отсто околу 10 часот, завршувајќи го тридневниот подем. Истовремено, франкфуртски DAX индекс падна за 0,46 отсто, на 18.522 поени, лондонскиот Ftse за 0,56 отсто, на 8.216 поени, а парискиот CAC за 0,45 отсто, на 7.962 поени.

Најмногу паднаа цените на акциите на производителите на енергија, во просек за 1,5 отсто, паѓајќи на најниско ниво во последните два месеца. Тоа следеше по падот на цената на нафтата за повеќе од еден процент, бидејќи инвеститорите се загрижени дека побарувачката за нафта ќе ослабне со оглед на знаците за забавување на индустриската активност во САД втор месец по ред.

Одбивноста кон ризик, исто така, владее додека учесниците на пазарите ја чекаат одлуката на ECB во четврток за каматните стапки во еврозоната, при што трошоците за задолжување се очекува да паднат за 25 базични поени, што би било прво попуштање на монетарната политика од 2019 година. Неодамнешните податоци на Eurostat за растот на инфлацијата во еврозоната во мај на 2,6 отсто, сепак, фрлаат сомнеж врз изгледите за натамошно монетарно олабавување оваа година.

Цената на акцијата на осигурителната компанија „Allianz“ падна позначително, за 2,1 отсто, откако „Citigroup“ го намали рејтингот на германскиот осигурител на „неутрален“ од „купи го“. Најголем добитник, пак, беше акцијата „Maersk“, со раст на цената од 1,6 отсто, откако данската бродска групација ја зголеми прогнозата за овогодинешниот профит благодарение на големата побарувачка на пазарот на контејнери.