Постапките поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани се соочуваат со нов застој, откако обвинителката Ивана Алексова Трајчева повеќе нема да ги води предметите против полициските службеници. Одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција значи дека случаите ќе бидат преземени од друг обвинител.
Станува збор за три предмети кои веќе беа во напредна фаза и за кои се собираа докази со месеци, а дел од нив требаше да влезат во судска постапка. Сега, новиот обвинител ќе треба дополнително да се запознае со обемната документација, што може да влијае врз динамиката на судските процеси.
Од Советот на јавни обвинители посочија дека одлуката е донесена со цел да се даде простор за нови кадри и да се избегне, како што наведоа, акумулација на моќ во рамки на институцијата. Воедно, на седницата беше истакнато дека повеќе обвинители веќе имаат повеќегодишни мандати во ова обвинителство.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој за првпат учествуваше на седница на Советот, нагласи дека во вакви ситуации предметите редовно ги презема друг обвинител и постапките продолжуваат согласно законските процедури.
Иако судењата за дел од случаите веќе беа најавени, дел од рочиштата се одложени токму поради промените во обвинителскиот тим. Досега е започната постапка за еден предмет, додека останатите се во фаза на одложување.
Случајот „Пулс“, кој се однесува на пожарот во кој загинаа 63 лица, останува еден од најчувствителните во јавноста, а промените во обвинителскиот состав дополнително ја отвораат дилемата за текот и ефикасноста на судските процеси во наредниот период.



