Во тешка сообраќајна несреќа што се случила во Словачка, животот го загуби Моника Јаклиова, фитнес модел и поранешна сопруга на познатиот ММА борец Габор Борарош.
Трагедијата се случила во раните утрински часови, нешто пред 4 часот, на автопатот број 63, на потесниот дел од патот меѓу населените места Велики Меѓер и Долни Штал, пренесува унгарскиот портал „Блик“.
Според првичните информации, возилото се движело со голема брзина кога излетало од коловозот. Шефот на локалната противпожарна служба, Тибор Ходоли, изјавил дека автомобил од марката „Мајбах“ излетал од патот и удрил во дрворед. Од силата на ударот, возилото се распаднало на повеќе делови и веднаш се запалило. Телото на возачот било пронајдено во близина на остатоците од автомобилот.
Полицијата потврдила дека во возилото се наоѓала само една личност. Екипите на Итната медицинска помош се обиделе да извршат реанимација, но за жал, можеле само да ја констатираат смртта на самото место.
Моника Јаклиова беше позната фитнес моделка и инфлуенсерка на социјалните мрежи. Заедно со Габор Борарош учествуваше во популарното унгарско реално шоу „Парови“, а медиумите често ја опишуваа како една од најубавите инфлуенсерки во земјата. Веста за нејзината смрт предизвика силни реакции и тага во јавноста и меѓу нејзините бројни следбеници.
Полицијата продолжува со истрагата за да ги утврди точните околности и причините што довеле до трагичната несреќа.



