Трагичните зборови на Мартин ја потресоа Македонија: Пет другари бевме на маса, а само јас преживеав

1735

Со солзи и тешки емоции, Мартин Китанов, еден од преживеаните во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пред судот сведочеше за кобната ноќ во која од петмина другари, само тој останал жив.

Китанов раскажа дека заедно со своите пријатели дошле во дискотеката за да го прослават раѓањето на синот на еден од нив. По влегувањето, билетите ги купил нивниот пријател Ѓорѓи, а тие седнале на маса во близина на бината, на крајот од шанкот. Првите десетина минути поминале мирно, без никакви знаци дека ќе се случи трагедија.

По активирањето на пиротехниката, најпрво не сфатиле дека станува збор за сериозна опасност. Неколку моменти подоцна, пејачот на бината повикал сите присутни веднаш да го напуштат објектот. Во тој момент веќе се појавил оган и чад, а просторот брзо се претворил во хаос.

Китанов сведочеше дека заедно со пријателот тргнал кон излезот и брзо стигнале до таканаречената каубојска врата, но таму веќе се создала огнена бариера. Чувствувале силна топлина, а видливоста била речиси нула. Движењето станало многу бавно, а потоа луѓето почнале да паѓаат еден врз друг.

Тој се сопнал и паднал на подот, по што врз него паднале уште неколку лица. Притисокот бил толку силен што не можел да дише. Обезбедувачот Лазар Захариев се обидел да му помогне, но не успеал да го извлече поради масата луѓе над него.

Китанов нагласи дека не чувствувал чад, туку силно гушење од притисокот на телата. Во тие моменти, кога мислел дека надежта е изгубена, помислил на своите две деца и се обидувал да издржи и да дише колку што може. Тогаш, како што раскажа, едно момче успеало со огромен напор да го извлече од купот тела.

„Тоа за мене беше божја сила“, изјави Китанов, додавајќи дека бил извлечен без патики и со спуштени фармерки.

По излегувањето од дискотеката, девојка по име Ана му помогнала да се облече, му дала вода и се обидела да го смири. Иако сакал да се врати назад за да ги бара своите другари, луѓето околу него му забраниле поради повредите и неговата исцрпеност.

Пред себе гледал сцени кои, како што рече, никогаш нема да ги заборави – луѓе и деца кои паѓале и се онесвестувале, додека тој не можел да им помогне. Подоцна се упатил кон блиска бензинска пумпа, каде што работел негов пријател, но таму колабирал и му била укажана прва помош.

„Од петмина другари кои таа вечер бевме заедно, само јас преживеав. Тројца ми беа другари од детство. И ден-денес не знам точно како загинаа“, сведочеше Китанов.

Неговата изјава е едно од најпотресните сведоштва за трагедијата што ја зави целата држава во црно и остави длабоки рани кај семејствата на жртвите и кај преживеаните.

Претходна вестЗагина фитнес моделката Моника Јаклиова
Следна вестНема лек, нема вакцина: Смртоносен вирус се заканува на светот – медицинска сестра во кома