На денешната седница на Уставниот суд, на која треба да се одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците, не се присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Поради нивно отсуство, судијата Фатмир Скендер, непосредно пред гласањето на дневниот ред, побара да се повлече од дневен ред точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
-Сметам дека за овој предмет е пожелно сите да бидеме присутни, со што би можеле да ги вкрстиме нашите аргументи и ставови, рече судијата Скендер.
Другите судии не се согласија со овој предлог на судијата Скендер и гласаа тој да се одбие. Нивните аргументи се дека ако Судот воспостави ваква пракса, тогаш ќе треба и за други предмети да се чека да бидат присутни сите судии, што, според нив, би ја кочело работата на Судот. Уште еден аргумент, како што посочија, е дека досега и за други предмети се одлучувало во отсуство и на други судии.
Откако предлогот беше одбиен, судијата Скендер рече дека нема да присуствува на расправата за првата точка од дневниот ред, односно за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.