Она што се случува деновиве е доказ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што е неспособна, туку и се наоѓа во состојба на целосна институционална конфузија, обвини СДСМ преку писмено соопштение.
Од партијата велат дека, додека премиерот Христијан Мицкоски „измислува странски служби и хибридни напади“, неговиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, јавно го демантира и ја префрла вината врз граѓаните што живеат во близина на депониите.
„Јасно како ден е дека „хибридниот напад од странски центри“ е смешно алиби за неспособноста на Мицкоски и неговата влада. Мицкоски глуми жртва секој пат кога е фатен во неспособност да одговори на проблемите.“, се наведува во соопштението.
СДСМ потсетува дека за изминативе 15 месеци Владата пласирала пет различни сценарија – за дестабилизација, странски служби, дронови, следење на премиерот, и сега, како што велат, „хибридни напади од надворешни центри на моќ“.
„Неспособност не може да се покрие со изговори, таа се гледа и граѓаните многу добро ја знаат затоа што ја плаќаат со најважното нешто, нивното здравје.“, додаваат од партијата.
Според СДСМ, досегашната влада не понудила ниту едно решение за ниту еден проблем, а наместо тоа, граѓаните добиваат изговори.
„Резултатот на владата на Мицкоски е катастрофален: депониите горaт, воздухот не се дише, канцерогените материи се зголемуваат, а институциите се парализирани од лагите и изговорите на власта.“, стои во соопштението на СДСМ.