За огромен криминал во Малешевијата уапсени беа 15 лица, меѓу нив и директори, полициски началници и шумски полицајци, осомничени за злосторничко здружување и пустошење на шуми со штета од над 100 милиони евра, истакна денеска на прес-конференција, Маја Борозан.
Таа праша зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за овој случај и дали причината е тоа што во „периметарот“ на акцијата се наоѓа и началникот на шумската полиција и воедно кандидат за градоначалник на Виница од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Костадиновски.
„Дали како создавачи на ова злосторничко здружение се токму началниците на ОВР Делчево и шумската полиција, партнерите во криминал Блашко и Митко? Дали истите двајца го координирале движењето на незаконски исечената дрвна маса за да заврши во една делчевска компанија од дрвната индустрија?“, праша Борозан.
Таа додаде дека ДПМНЕ и Костадиновски должат одговори на овие прашања.
„Костадиновски е началник на шумската полиција, има највисока раководна позиција на органот кој е задолжен да ја чува шумата, да ги спречува уништувачите на шумите, бесправните сечи и шумските кражби. Или началникот на шумската полиција Митко Костадиновски е инволвиран, или кандидатот за градоначалник на општина Виница од ВМРО-ДПМНЕ е неспособен соодветно да ја извршува својата функција. Трето нема“, рече Борозан.
Таа потсети и дека Костадиновски има судска пресуда од 2012 година за недозволено држење оружје и муниција.
„Ете ова е ‘кадарот’ што ВМРО-ДПМНЕ им го нуди на граѓаните. Митко Костадиновски не може и не смее да биде прв човек на Виница. Граѓаните заслужуваат подобро и затоа ќе го казнат ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, ќе покажат дека сакаат промени, чесни и одговорни луѓе“, порача Борозан.
