Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ се директни виновници за хаосот со ѓубрето во Скопје, како и за четиригодишната блокада на градот.
Според СДСМ, залудни се обидите на Мицкоски да се дистанцира од градоначалничката Данела Арсовска.
„Џабе му е на Христијан Мицкоски да се правда и дистанцира од Данела Арсовска, за хаосот што му го приреди на Скопје. Граѓаните немаат заборавено и многу добро паметат дека токму Мицкоски лично, со помпа ја промовираше Арсовска како ‘независен кандидат и најдобар менаџер’“, се вели во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ велат дека Арсовска му одговарала на Мицкоски како извршител сè додека не му пропаднале бизнис-зделките.
„Тој е директен виновник за хаосот во Скопје – за тоа што градот е претворен во една голема депонија затрупан со ѓубре, со дотраен јавен превоз, со токсичен воздух“, велат од партијата.
Оттаму посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните советници во Советот на Град Скопје четири години го држеле градот во заложништво.
„Лично, по налог на Мицкоски ниту една мерка, ниту еден проект во интерес на граѓаните не беше изгласан. 26 пати ја блокираа набавката на автобуси и ги оставија скопјани со нефункционален јавен превоз“, се додава во соопштението.
Според партијата, денес, кога граѓаните плаќаат висока цена за тоа политичко пазарење, Мицкоски се обидува да ја префрли вината и додаваат дека скопјани се жртви на незаинтересираноста на ВМРО-ДПМНЕ и кавгите меѓу Мицкоски и Арсовска.
