Авион кој превезувал 60 патници и четири члена на екипажот се судри со воен хеликоптер додека слетуваше на националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон, по што беше покрената голема спасувачка операција во околната река Потомак. Извор запознат со истрагата кажа дека има повеќе загинати, но точната бројка жртви засега не е позната.
Војската кажа дека во хеликоптерот „сикорски“ биле тројца војници.
Засега не е позната причината за судирот. Целиот авиосообраќај на аеродромот е во прекин, додека хеликоптери и агенции за спроведување на законот прелетуваат над областа. Властите кажаа дека спасувачите работат во смрзнувачки и мрачни услови во водата.
„Спасувачите ќе бидат во водата додека не се пронајдат сите кои биле во авионот“, изјави градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер.
Шефот на пожарникарите на Вашингтон, Џон Донели, кажа дека засега не се знае дали има преживеани. Си-Би-Ес извести дека досега се извадени 18 тела од реката.
Федералната управа за воздухопловство објави дека несреќата се случила околу 21 часот по локално време, кога авион на „Американ ерлајнс“, кој летал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер кој бил на тренажен лет додека се приближувал кон пистата. Несреќата се случи во еден од најстрого контролираните и надгледувани воздушни простори на светот, нешто повеќе од пет километри од Белата куќа и Капитол.