Со намален број ученици, без учебници за странски јазици, нередовен автобуски возен ред и воведување на настава во една смена, за 245 илјади основци и средношколци денеска почна новата учебна година. Учениците, наставниците и родителите ќе се соочат со старите и новите предизвици во образованието.
Оваа учебна година околу 142 основни и средни училишта ќе почнат со настава во една смена, одложена е Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение, а учебници за странски јазици нема да има ниту оваа година. Предизвик за учениците од Скопје ќе биде и јавниот превоз поради недостатокот на автобуси.
Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади. Новата учебна година започнува со помалку првачиња. Во мај, во основните училишта се запишале 17.200 првачиња или 500 помалку од лани.
Оваа учебна година во основните и средните училишта ќе бидат доставени учебници по сите предмети, освен учебници за странски јазик.
Министерството за образование и наука информира до училиштата дека веќе се испорачани 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, во основното образование петта година по ред ќе недостигаат учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која сè уште трае.
Оваа учебна година во основните и средните училишта ќе бидат доставени учебници по сите предмети, освен учебници за странски јазик.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, појасни дека учебници за странски јазик нема да има ниту оваа учебна година, бидејќи претходната Влада го поништила тендерот и сè уште е во жалбена постапка. Како што рече таа, учебници ќе има по Историја и општество за петто и шесто, и по Историја и Географија за седмо одделение.
МОН одлучи да одложи дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми.
Министерството информираше дека по неколку дена разговори со Бирото за развој на образованието (БРО) изнашле преодно решение за учениците кои од 1 септември ќе бидат седмо одделение – дека ќе може да ги користат учебниците кои се применуваат досега затоа што нови, според наставните програми од новата Концепција, не се изработени. За она што недостига во старите учебници, а е предвидено за изучување, ќе има додатни материјали што ќе ги изработи БРО.
Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.