Дваесет и двегодишната Фросина Кулакова од Неготино загина во средата откако во неа, на булеварот „Партизански одреди“, со возило „пежо207“ удрил 20-годишниот Васил Јованов, пренесе Слободен печат.
Обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина возел пијан и без возачка дозвола, со огромна брзина и поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин.
Претходно, Обвинителството соопшти дека тој бил обвинет за продавање дрога и дека во таа постапка бил во притвор, но скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово, иако бил полнолетен.
Граѓани денеска од 13 часот ќе го блокираат булеварот, во знак на револт против дивеењето на возачите и небезбедноста на улиците.
Смртта на 22-годишната Фросина Кулакова потсетува и на две други сообраќајни несреќи кои се случија на булеварот „Партизански одреди“.
На 3 март, 2015 година, пред Универзалната сала животот го загуби тогаш 20-годишната Фросина Цековска од Крива Паланка која поради студиите се преселила во главниот град. Цековска минувајќи го булеварот била удрена од 26-годишниот Љубиша Видојковиќ, по што починала на лице место.
Според направеното вештачење, Љубиша возел во алкохолизирана состојба со 1.23 промили алкохол во крвта и со брзина од 85 километри на час ја удрил Фросина со предниот дел од возилото. Тој веднаш после ударот побегнал од местото на несреќата, но дваесетина минути подоцна сам се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров.
Во 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш која заедно со своето момче минувајќи на пешачки премин кај трговскиот центар „Скопје сити мол“ беа удрени од „цитроен“ управуван од 23-годишниот Јордан Ѓоргиев. Од удрарот Викторија почина на лице место, а нејзиното момче се здоби со тешки телесни повреди.
Возачот Јордан Ѓорѓиев, кој ја усмрти Викторија Николова, доби затворска казна од три години. Олеснителна околност за него е дека го признал делото, изразил каење и бил млад, имал 23 години, како и дека не бил осудуван досега и дека сè уште е студент.
По загинувањето на Викторија Николова, граѓаните излегоа на протест и бараа побезбеден сообраќај.
Секојдневното дивеење на улиците не е никаква новост на патиштата ширум државата. Иако низ главниот град се поставени илјадници сообраќајни камери, тие сè уште не функционираат и нивната употреба зависи од законските измени кои треба да ги изгласаат пратениците. Доколку се користеа камерите и функционираше системот „Сејф сити“, можеби ќе беа избегнати и намалени незгодите, а возачите ќе возат со помала брзина знаејќи дека несовесното возење се снима и за тоа може да бидат казнети.
Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во 2024 година житотот го загубиле 24 пешаци, а 214 завршиле со тешки телесни повреди.
Официјалните податоци на МВР покажуваат дека секоја година, од 2010 наваму, на македонските патишта гинат помеѓу 116 и 198 луѓе.
Фото+Извор: Слободен печат