Панче не му доплатил 500 евра, па Велибор му ги извадил бекатон плочките: Жежовски го тужел Манев во 2007 година

11409

Зетот на Панче, Тодор Кирков, објасни дека Панче го ангажирал Велибор Манев да му го среди дворот за 1.600 евра. Панче му дал 1.100 евра и рекол дека ќе му доплати кога ќе се врати од Германија ама не му доплатил оти не му се допаднало како е завршена работата, па Велибор си ги извадил бекатон плочките и така настанал спорот.

Ќерката на убиениот Панче Жежовски, Ана Киркова, денеска сведочеше дека не ги познава обвинетите и дека никогаш не ги видела.

– Едно утро, во петок ми заѕвони негова сосетка и ми рече дека од среда го бара Панче и дека тој не се јавува. Тој беше чесен и праведен човек, не должеше никому. Реков, сега јас ќе му се јавам, мене ќе ми крене, но не крена. Си помислив дека е некаде низ двор. После пак му ѕвонев, не се јавуваше. Во 16 часот, после работа, решив да одиме да го побараме – рече Ана.

Таа и нејзиниот сопруг околу 18 часот пријавиле во полиција дека татко ѝ не се јавува и полицијата веднаш почнала да го бара.

– Татко ми живееше сам, на 15 минути од Велес, во месноста Трпезица. Тој не сакаше многу некој да го чува, оти беше здрав, интелигентен, нѐ оставаше ние да си живееме на свој начин, тој на свој. Еднаш неделно се гледавме, ми велеше нема што вие да се грижите за мене, јас не сум старец, здрав сум, гледајте си ги децата – рече Ана и додаде дека Панче имал три ќерки.

Ана рече дека татко ѝ Панче се познавал со обвинетиот Велибор Манев, дека го ангажирал како пријател каменорезец за некои работи околу куќата.

– Велибор живее на 10 минути од Панче. Кога дознав дека го нема, сопругот излезе од работа, отиде до куќата на таттко ми да види. Ми рече, излезен е, сигурно на кратко, колата ја нема, но греалката работи и светилката свети – рече ќерката Ана и додаде дека Панче немал никакви долгови.

– Имаше судски спор со Велибор Манев, тоа беше одамна, во 2007 година. Татко ми тужеше, но јас не знам за што беше тој спор. Панче беше незадоволен околу нешто, не се сеќавам за што беше спорот – сведочеше Ана Киркова и додаде дека татко ѝ скоро пред убиството купил кола со голем багажник.

– Јас не го идентификував телото, не можев, сопругот го виде. Го фрлиле во вреќа – додаде Ана во сведочењето за убиството на татко ѝ Панче Жежовски.

Првообвинетиот за убиството на Панче, Љупчо Палевски Палчо ја праша Киркова дали татко ѝ ѝ спомнал дека се познава со него.

– Јас со татко ми не зборував за неговите пријатели, вас не ве познавам – одговори Ана.

Зетот на Панче и сопруг на Ана, Тодор Кирков во своето сведочење рече дека не комуницирале многу често со дедото, еднаш-два пати во месецот.

– Дента сопругата ми се јави дека го нема Панче. Отидов кај него дома, видов дека колата ја нема, разгледав низ дворот, па сопругата ми прати клуч по такси. Греалката работеше, внатре беше многу топло. Го барав низ собите, го немаше, си реков отишол некаде, ќе се врати – рече Тодор.

Тој потврди дека го пријавиле исчезнувањето на Панче во полиција околу 18 часот и дека тој го идентификувал телото.

– Ни се јавија во недела од полиција, рекоа да земеме со нас алишта. Кога го видов телото, имаше дупка кај устата и крв кај очите. Панче беше добар, нормален човек, без инциденти, не можам да кажам ништо лошо за него. Јас се познавам со Велибор и со Боро. Со Велибор заедно учевме во средно. Знам дека Панче имаше некој спор со Велибор – рече Тодор.

На прашањето каков проблем имал Панче со Велибор, Тодор рече:

– Се договориле да му го среди дворот за 1.600 евра. Панче му дал 1.100 евра и рекол дека ќе му доплати кога ќе се врати од Германија ама не му доплатил оти не му се допаднало како е завршена работата, па Велибор си ги извади бекатон плочките и настана спорот.

Судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски продолжува во среда. Следни сведоци се: Дејан Димовски, Музафер Каишиќ, Ристе Самарџиев, Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми, Мирче Мицевски и Митре Лазаревски.

Извор: Плус инфо

претходниот член,Секоја година се шпекулира дека ќе се укине: Наскоро почнува зимското сметање на времето
Следната статијаЈанко цела зима загрева куќа од 230 квадрати за само 100 евра – еве што прави