Кинеската онлајн платформа Тему за кратко време го освои светот, вклучително и Македонија. Додека расте незадоволството во САД откако американската поштенска служба (USPS) објави дека привремено ги суспендира дојдовните пакети од Кина и Хонг Конг, пакетите од Тему пристигнуваат во Македонија без никакви проблеми.
Поради ниските цени, се повеќе граѓани купуваат производи за широка потрошувачка во овие онлајн продавници.
Сепак, постојат и различни опасности поврзани со ова, како што неодамна предупреди едно германско трговско здружение, кое по спроведената истрага за безбедноста на производите достапни на кинеската онлајн платформа Тему, дојде до загрижувачки резултати. Имено, нивното истражување покажа дека некои производи од оваа платформа можат да претставуваат сериозна опасност за корисниците.
Германското здружение за јаже и прицврстување (FSA) одлучи да го провери квалитетот на производите што се продаваат преку платформа позната по екстремно ниските цени и агресивниот маркетинг. Во рамките на истрагата биле направени тест набавки, а производите потоа биле подложени на детално тестирање. Резултатите покажаа значителни безбедносни празнини, особено кај ремените и јамките за врзување.
Тестираните производи покажаа деформација, намалена јачина и драстичен пад на силата при кршење, што може да претставува сериозен ризик за корисниците. Дополнително, откриена е злоупотреба на CE ознаките, кои се задолжителни за производите на пазарот на Европската Унија, а утврдени се неточни или целосно изоставени ознаки за максимално работно оптоварување и неправилно кодирање во боја.
Посебно загрижува фактот што повеќето грешки во производството не можат да се видат со голо око, што дополнително го зголемува ризикот за потрошувачите. Трговското здружение во својот извештај посочува дека не се гарантира обезбедување квалитет и усогласеност со европските стандарди за производите од платформата Тему. Оттаму предупредуваат дека овие производи може да претставуваат сериозен ризик за безбедноста и здравјето на корисниците.
Поради овие наоди, трговското здружение ја известило владата во Дизелдорф и побарало итни мерки за да се спречи продажбата на небезбедни производи. Тие, исто така, ја повикаа платформата Тему да преземе одговорност и да се погрижи производите што ги нуди да не ги загрозуваат потрошувачите.