Секој конкурс за секое работно место во администрацијата на МАНУ е пуштен во македонските и во албанските весници. Тоа што не се пријавиле ниту еден Албанец или Македонец, се должи само на ниските плати, велат од Синдикатот на МАНУ
Вработените во техничката служба на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) повторно го активираа штрајкот. Според Трпе Дејановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, 36-те вработени во највисоката научна институција почнаа да штрајкуваат лани на 9 февруари, а по еден месец беше потпишана спогодба, која штрајкот го стави во мирување. Но, оттогаш до денес ништо од таа спогодба не е исполнето. Поради тоа, штрајкот повторно се активира и ќе трае до исполнување на барањето, а тоа е зголемување на платите на вработените.
Штрајкот, според УПОЗ, ќе се одвива во текот на целото работно време, а ќе работи само архивата за прием на пошта, додека другите вработени нема да извршуваат никакви работни задачи. Дејановски соопшти дека лани раководството на МАНУ најмило адвокатска канцеларија, преку која одела комуникацијата со вработените на институцијата, и тоа со една единствена задача, да се заплашат вработените и да се најде начин за попречување на штрајкот.
– Исто така дел од академиците, раководителите на организациските единици при МАНУ, кога беше најавено активирањето на штрајкот, веднаш почнаа со закани на вработени дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители со пцости и навреди почнаа да им се обраќаат на вработените, што не им доликува на титулата академик – рече Дејановски на прес-конференција.
Тој порача дека секој што ќе им се заканува или ќе ги навредува вработените во МАНУ, ќе биде објавен јавно без разлика на тоа каква функција извршува.
– Да го потсетам раководството на МАНУ дека во спогодбата што се потпиша со синдикатот, преземаа обврска дека до 31 декември 2023 година ќе биде потпишан Колективен договор и ќе се направи измени и дополнување на Законот за да се реши конечно проблемот со платите. Од крајот на минатата година поминаа девет месеци, а вработените не добија ништо освен пцости, закани и навреди – посочи Дејановски.
Благој Грујиќ, претседател на Синдикатот на МАНУ, рече дека бараат зголемување на платите за кои, како што рече, долго време не се зголемени. Според Грујиќ, платата на вработените во МАНУ е минимална, па поради тоа нема интерес за вработување во институцијата.
– Секој конкурс за секое работно место во администрацијата е пуштен во македонски и во албански весници. Тоа што не се пријавиле ниту еден Албанец или Македонец, се должи само на ниските плати, проблем што треба да го реши не само Академијата, туку и нашиот основач Собранието – поентираше Грујиќ.